11 C
Athens
Κυριακή, 22 Δεκεμβρίου, 2024

Охридската Архиепископија од културната матрица на ромејството

religija.mk

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, во неделата на Педесетницата, 2022 година, во патријаршискиот храм, со посредство на својата долготрајна и откровенска патријаршиска служба на Константинополскиот престол, упати повик кон Охридскиот (Архиепископ) Стефан, кон неговата јерархија, клирот и кон народот на Охридската Архиепископија, чиешто име веќе го носи Црквата во меѓународно новопризнатата држава Северна Македонија.

Внимавајте врз себе, браќа! Влезете во сокровиштето на Соборноста. Ромејството не е показен национален идентитет, ами токму Црковен“. Ова беше изговорено од Вселенскиот Патријарх, со полно сознание дека во Охридската Архиепископија бил образуван еден пресјаен, именит и завиден регионален центар на автократоријата (империјата – бел. на прев.) во Константинопол, со средиште во Охрид, древниот град Лихнид, кој бил и (седиште на) истоимена епископија.

а) Охридската Архиепископија во Ромејската автократорија

Охридската Архиепископија е основна од императорот Василиј II во 1018 година, со Константинополскиот Патријарх Сергиј II, а била укината во 1767 година, при Константинополскиот (Патријарх) Самуил I Хандзерис, со султанот Мустафа III. Охридската Архиепископија се протегала од Дунав до Тесалија и од темата Епир до Мала Скитија, додека имало и периоди кога Охридската Архиепископија заземала помал или поголем дел од владенијата на денешните балкански држави: Грција, Северна Македонија, Бугарија, Албанија и Србија.

Ова завидна титула на Охридската Архиепископија (Αρχιεπισκοπής Αχριδών) – во еднина како  Αρχιεπισκοπή Αχρίδος[1] – бидејќи Охридската Архиепископија го претставува називот на Црквата што е ограничена во рамките на новата држава Северна Македонија – повторно ја внесе на црковната сцена Патријархот Вартоломеј, исползувајќи го канонско право на апелација, на кое се досетија Охридскиот (Архиепископ) Стефан, заедно со сите негови архијереи.

Државата Северна Македонија беше дарувана од Вселенската Патријаршија со сјајната духовна ризница на цивилизациската сегашност и минато на Охрид, тој значаен регионален центар на ромејството.

Константинопол, кој беше основан од Константин Велики во 330 година, е Новиот Рим. Вселенскиот Патријарх сè до денес ја носи титулата „Архиепископ на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски Патријарх“. Автократорите (т.е. императорите – бел. на прев.) на Константинопол ја носат титулата „верен во Христа Цар и автократор на Ромеите“.

Именувањето византиски и Византија биле непознати во автократоријата на Константинопол, и тоа било измислено од Западот во 16. век. Автократоријата на Константинопол ги инкорпорира во својата прегратка сите православни христијани, без разлика на народност и на јазик. Критериумот за инкорпорирањето е еден. Православната вера. Секој православен се именува Ромеј. Ромеј и православен се синоними, исти поими. Среќаваме и други именувања, но главното определување на православните поданици во автократоријата на Константинопол е Ромеј.

Сè до освојувањето на Градот од страна на Мехмед Освојувачот во 1453 година, православната вера била неопходен предуслов, за да може некој познат или непознат Ромеј да се искачи на автократорскиот престол и да се нарече „автократор на Ромеите“. Поданиците на автократоријата се викале Ромеи и на тој начин се создава терминот „ромејство“. Во ромејството хеленската цивилизација го има првиот збор.

Грчкиот јазик е јазик на Вселенската Патријаршија, но и на голем дел од елитата, колку во автократорскиот центар, толку и во регионалните центри, особено во оние поблиску до Константинопол, како Охридската Архиепископија, којашто зазема истакната положба. Ромеите во автократоријата кои не се гркородни, повеќето го учат грчкиот јазик и така полесно се развиваат во автократоријата. Доколку ги запазиме цивилизациските и историски аналогии, грчкиот јазик ја имал положбата на англискиот денес.

После падот на Константинопол, Вселенската Патријаршија, Патријаршијата на ромејството и на Ромеите, веќе со муслиманскиот султан како владетел, ги опфаќа во пирамидата сите православни во автократоријата, без разлика на народност, јазик и потекло. Православните кои зборуваат грчки, словенски, влашки, турски, арванитски, арапски, го сочинуваат, според исламското право, милетот на Ромеите. Се формира рум милетот, православната пирамида на Ромеите, со Вселенскиот Патријарх како нејзина глава. Муслиманите, Евреите и Ерменците сочинуваат исто такви пирамиди на милети. Секоја од нив ги опфаќа муслиманите, Евреите и Ерменците.

Во милетот на Ромеите постојат антагонизми и спротивставувања, кои добиваат нагласок во историјата на 19. и 20. век, со цел, од етничките елити и од нивните етновладеачки механизми, да бидат изградени и формирани етнички идентитети врз основа на ние и другиот, или другите се наши мали или големи непријатели. Во средновековниот Балкан, цивилизациската величина на Охридската Архиепископија и нејзината динамика, честопати ги обеспокојувала Пеќ и Трново, дури и кога овие беа Патријаршии.

б)  Многусветли ѕвезди на Охрид

Историското минато на Охрид и неговиот сјаен црковен придонес е низвременски. Владее ликот на Свети Климент (840-916), научник и писател. Ученикот на Светите просветители Кирил (826-869) и Методиј (815-885), кој и го ракоположил. Неговите свештени мошти се наоѓаат во Свештената Обител на Свети Пантелејмон, којашто ја изградил Свети Климент во Охрид, каде што ја основал Охридската книжевна школа и придонел во развитокот на глаголската и кирилската азбука, заедно со уште еден голем Светија на Охрид, Наум.

Свети Наум (830-910) – бил и тој многу писмен, ученик на Светите Кирил и Методиј. Крај Охридското Езеро, во 905 година го изгради истоимениот манастир, каде што и бил закопан, а се разбира и едно множество храмови и многу манастири, кои биле изградени со импресивни живописи.

Од Архиепископите на тогашен Αχριδών (т.е. во множина “Охридите’’ – бел. на прев.) и денес Αχρίδος (Охрид) ќе ги издвојам Свети Теофилакт и Димитриј Хоматијан.

Свети Теофилакт Охридски (1055-1107) бил архијереј во Охрид20 години. Се соочил со учењето на еретиците Павликијани и Богомили. Го напишал животописот на Свети Климент Охридски, изјавувајќи ја својата почит кон духовното предание на Охрид. Неговото дело вклучува сто и триесет писма, говори и проповеди.

Охридскиот и Жички Николај Велимировиќ (1880-1956), Србин, пишува дека „коментарите на Теофилакт за четирите евангелија и за другите книги на Новиот Завет… се најдобри дела од својот вид по свети Јован Златоуст и се читаат до ден-денес со голема полза“.

Димитриј Хоматијан бил Архиепископ Охридски од 1216 до 1236 година. Тој бил недостижен познавач на Јустинијановото законодавство. Византологот Доналд нè уверува дека „судскиот двор на Хоматијан во Охрид бил еден редок центар на стабилност и право во едно неизвесно и бурно време“. Во Охрид, Хоматијан создал една блескава библиотека, со множество книги, од кои многу ги донел од Константинопол. Покрај канонските советодавни мислења за соодветни прашања, пишувал и хагиолошки текстови, поеми и толкувања на Светото Писмо и на Аристотел.

Светите Климент и Наум и Охридските Архиепископи, Свети Теофилакт и Димитриј Хоматијан се членови на колективното тело на ромејството, кое ги прегрна сите православни во автократоријата на Константинопол, колку во периодот на православните ромејски автократори (330-1453), толку и во вториот период на муслиманските султани (1453-1923), каде што тогаш на чело на ромејството бил Вселенскиот Патријарх.

в) Црковно единство и взаемодејствие на Балканот

Помеѓу Охридската Архиепископија, Пеќ и Трново, во оваа заедничка матрица на ромејството, цивилизациската, разликуваме периоди на меѓусебна зависност, со врв во времето на исихастичкото движење, во 13. и 14. век, кое се проширува во манастирите, меѓу клириците и мирјаните, низ целиот Балкан и Мала Азија. Среде оваа интеракција и единство, Свети Сава Српски се упокоил во 1235 година во Трново и оттаму неговото тело било пренесено во манастирот Милешево во Србија. А Света Параскева Епиватска, од Епиват во источна Тракија, каде што е родена во 10 век, е пренесена и го благословува Трново, околу 1238 година, за време на владеењето на бугарскиот цар Асан II; потоа, по 1389 година, Белград, а и Константинопол (1521-1641), за најпосле да се насели во Јаши и да стане заштитник на романскиот народ. Главата на Свети Климент Охридски се наоѓа во Свештената Обител на Чесниот Претеча, во Вериската митрополија. Исто така, Архиепископот на Бугарија, помеѓу годините 991-1014, најпрвин престојувал во Дрстар, за да заврши во Охрид, кој во тоа време не бил Архиепископија.

Но, имаме и периоди на интензивен антагонизам, главно од воената и економската елита на овие регионални центри на православието. Проширувањето на границите на Охридската Архиепископија, во црковните епархии на Пеќ и Трново, претставува причина за конфликт и антагонизам. Балканот, или помудро, полуостровот на Емос, живеел низ времето во културолошка интеракција и взаемодејствие на ромејството, но без притоа да бидат пропуштени и периоди на конфликти. Повеќето денови, сепак, биле пролетни. Креативни.

Културата на Охридската Архиепископија, која се врати во нашето православно црковно битисување, како име на Црквата на државата Северна Македонија, е зачната и родена од пламената утроба на Константинопол, како и културата на Пеќ и на Трново, но и на заддунавските хегемонии, Молдавија и Влашка, но и на другите автокефални Цркви на Балканот. Константинопол, како низвременско седиште на Вселенската Патријаршија – но и седиште на калифатот, по падот во 1453 година и сè до 1923 година, кога се означува крајот на Отоманската империја – го извајал, обликувал и озарил културниот идентитет на ромејството на Балканот. Разликувањата, конфликтите, но и повеќеслојните интеракции го сочинуваат неговиот динамичен живот.

Културолошкото зрачење на ромејството ја создава Света Софија Охридска, која била изградена на почетокот на 11. век. Нејзе ѝ претходела Света Софија во Софија, во 6 век, која му го дала своето име на градот, подоцна престолнина на бугарската национална држава. Солунската Света Софија е изградена во VII век. Како пример ја споменувам и градбата на Света Софија во Киев, во 11 век, и во Трапезунт, во 13 век. (Сите произлегуваат) од Света Софија Константинополска. Ги имаме“Светите Софии” од регионалните центри, на Балканот и пошироко.

Во 19. и 20. век, создавањето национални држави на Балканскиот Полуостров ја донесе, преку болка, радоста на новото создавање. Во националниот и преднационалниот идентитет на ромејството, сите православни Ромеи, на денот на Светлините (Богојавление – бел. на прев.), во некоја река или во басен или на плажа, го фрлаа Крстот и пееја „Кога во Јордан се крштаваше, Господи“. Го носеа во поворка Епитафот на Велики Петок и го славеа Воскресението Господово, додека псалтите, на различни јазици или дијалекти, ги пееја истите тропари. Но, истото се случува и денес во балканските држави, со националните идентитети, националните знамиња, националното образование и националната војска.

Новата држава Северна Македонија, ова балканско најмладо дете, доколку сака да ја проучува Охридската Архиепископија, чиешто име го носи нејзината Црква, ќе го зајакне и зацврсти идентитетот на својата самосвест, особено ако историскиот пристап на Охридската Архиепископија биде насочен кон основата на заедничкиот културен идентитет на ромејството. Во комонвелтот на ромејството, по правило, се ублажуваат националните конфронтации на Балканот. Ромејството го нагласува меѓусебното сопостоење и снисходливост. Особено под влијание на исихазмот (13., 14. век) со Светите Григориј Синаит и Григориј Палама. Тоа како пример го видовме во житијата на Света Параскева Епиватска, на Свети Сава, на Свети Климент, но и со изградбата на храмовите на Светата Премудрост (Софија).

Великата Христова Црква во Константинопол го зачувала сјајното предание и наследство на Охридската Архиепископија и чекала да дојде време, за да го предаде драгоценото богатство на Охрид на своето возљубено најмладо дете на Балканот. На Северна Македонија.

Пишува: Андреј Нанакис, Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано

[1] Αχριδών е во множина, додека Αχρίδος е во еднина – заб. на преведувачот.

Σχετικά άρθρα

ΤΕΛΕΥΤΑΙΑ ΑΡΘΡΑ